Публика освоена со молк - во Стоби настапи Ереванскиот државен театар на пантомимата

Без ниту еден изговорен збор актерите на Ереванскиот Државен Театар на Пантомимата од Ерменија, на 23 јули годинава ја воодушевија публиката во античкиот театар Стоби.

Претставата „Ардалион“ во режија на Жираир Дадасјан донесе вистинско доживување на пантомимата како специфичен театарски израз. Шестмината актери низ сценски движења ја оживеаја приказната за ширењето на христијанството на почетокот на 4-тиот век и судбината на Ардалион кој од критичар на христијанството станува светец.

Громогласниот аплауз на бројната публика во Стоби покажа дека велешката и македонската публика е приемчива за театар кој ретко се гледа на овие простори. Ереванскиот државен театар на пантомимата во Ерменија привлекува околу 10.000 гледачи годишно и досега настапувал во над 25 земји во светот. Претставата „Ардалион“ е во официјална конкуренција за награди.

Фестивалот на античка драма „Стоби“ во организација на Општина Велес продолжува денес во Нардониот театар „ЈХК-Џинот“ со тркалезната маса „Античка плоча“. Следната претстава во рамките на фестивалот е „Кралските Копилиња“ на авторот Сашо Димовски, во режија на сценски движења на Васил Зафирчев. Поради специфичните технички барања, претставата ќе биде одиграна во Народниот театар „ЈХК“ –Џинот, на 26 јули годинава (четврток), со почеток во 21 часот.