Трет состанок на Економскиот совет
Даночните олеснувања за спонзорства во областа на спортот, студијата за гасификација на Велес и моделите на организација на манифестацијата „Велешка питијада“ беа тема на дискусија на третиот состанок на Економскиот совет што се одржа на 24 јули годинава, во просториите на Општина Велес.
Борис Леов – Координатор на Подрачното одделение при Управа за јавни приходи – Велес ги извести претставниците на бизнис секторот за намалувањето на пресметаниот данок на добивка за дадена донација на спортски федерации, фудбалски, кошаркарски, ракометни и други спортски клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови, под услови и износи на законски утврдени постапки согласно Законот за данокот на добивка. Градоначалникот Коцевски нагласи дека ова е одлична можност за стопанствениците да придонесат за развој на спортот и да ги поттикнат органазираните и индивидуалните спортови. Присутните претставници на бизнис секторот ја прифатија законската можност за даночни олеснувања и изразија подготвеност за поддршка на спортот.
На состанокот, градоначалникот Коцевски го презентираше делот од Студијата за гасификација кој се однесува на Општина Велес и нагласи дека приоритет ќе биде гасификацијата на индустријата, јавните објекти како што се училиштата и градинките, а потоа и стамбените згради и индивидуалните објекти. Висината на инвестицијата во Велес би изнесувала 1.896.139 евра, рече Коцевски. На состанокот беше заклучено дека заеднички со бизнис секторот треба детално да се разгледа студијата и навреме да се преземат мерки за Велес да биде подготвен за гасификација.
Во врска со моделите за организација на манифестацијата „Велешка питијада“, градоначалникот Коцевски рече дека општината не се откажува од традициите, но смета дека бизнис секторот треба да ја преземе водечката улога во организацијата на манифестацијата што е прифатливо особено за угостителите. Членовите на Економскиот совет заклучија дека треба да се организираат за реализација на манифестацијата и доколку бизнис секторот е водечки организатор ќе има право да ја утврди локацијата и другите детали за организација на манифестацијата.