Општината не му должи ни денар на ГРК „Борец“

На прес конференцијата одржана на 30 јули годинава, градоначалникот Коцевски ги презентираше фактите и актуелната ситуација наспроти обвинувањата дека одбива да му помогне на ГРК „Борец“.

„Не должиме ниту денар. Како градоначалник должен сум да го спроведам буџетот така како што го донел Советот на Општина Велес. Советот во програмата за спорт за 2018 година од вкупно 5.600.000 денари, 1.500.000 денари има определено за ГРК „Борец“. Секој месец им се префрлаат 125.000 денари, дури и ратата за месец јули им е префрлена.

Коцевски напомена дека и самиот е поранешен спортист и дека кога би имало можност би им дал и 10 милиони денари. Тој истакна дека не е добро тоа што го направило поранешното раководство на општината регистрирајќи го единствено ГРК „Борец“ како акционерско друштво во 100%  сопственост на општината, со што го фаворизирала само тој клуб, а ги занемарила сите други спортски клубови.

Тој ја извести јавноста дека согласно Законот за локална самоуправа општината има надлежност да го поддржува училишниот и масовниот спорт, но не и клубовите кои како што нагласи треба да работат на изнаоѓање други форми на финасирање како што се спонзорства и донации.

Коцевски укажа дека на последниот состанок на економскиот совет разговарал за можностите за олеснување на данокот на добивка ако донираат за спортот и уште еднаш апелираше до стопанствениците да ја искористат можноста и на тој начин да помогнат за поддршка на спортот во Велес.