Средба на градоначалникот Коцевски со Харолд Маркарт

На 9 август годинава, градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со Харолд Маркард, сопственик на реномираните фабрики Маркарт во повеќе земји во светот. На средбата на која присуствуваше и Волфанг Ајхер, генерален менаџер на „Маркарт –Македонија“ беа разменети мислења околу искуствата на компанијата од работата во Велес, можностите за континуиран раст, како и можностите за продлабочување на соработката и вклучување на нови инвеститори.


Харолд Маркарт на чија покана беше реализирана средбата изрази задоволство од досегашната соработка со Општина Велес и нагласи дека соработката ќе продолжи и во иднина, а компанијата преку воведениот принцип на општествена одговорност ќе настојува што повеќе да биде во контакт со граѓаните и локалната заедница.

Градоначалникот Коцевски, во име на граѓаните упати благодарност за помошта и поддршката за уредување на училницата за практична настава во ССОУ „Коле Неделковски“, поддршката на фестивалот на античка драма „Стоби“ и други културни настани во Велес и нагласи дека ќе продолжи да работи на развојот на стручното и дуалното образование во Велес со цел да им се излезе во пресрет на инвеститорите во обезбедувањето на квалификувани работници. Како што потенцираше Маркарт искуството покажува дека во земјите каде се развива стручното образование економскиот раст е динамичен и континуиран.