Алармантна состојбата со мостот кај Башино село

Комплетната дијагностика (мерење на амбиетални вибрации) која денес беше вршена на мостот кај Башино село беше повод на посетата на Градоначалникот Коцевски на оваа локација. Тој изрази сериозна загриженост за безбедноста во одвивањето на сообраќајот на овој мост. За таа цел, преку јавна набавка, Оштината го избра Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје целосно да ја испита состојбата со оваа мостовска конструкција.

„Овој дел од патот е многу оптеретен, од пред 10 години има карактер на локален пат иако претходно имаше статус на регионален пат. По добивањето на извештајот од Заводот имаме намера како привремено решение да порачаме проект за санација на мостот. Сериозно сум загрижен, доколку преку стручните наоди се добијат препораки за ограничување на тежината на возилата преку овој мост. Може да замислите што би значело тоа за централното градско подрачје во Велес каде би се пренасочил целиот товарен сообраќај“ - истакна Коцевски.

Мостот датира од 1971г. и бил изграден како времен мост. Но по 47 години употреба веќе е мост од траен карактер на кој има голема френвенција на возила: целиот сообраќај кон Велес, Чашка, Извор и Богомила се одвива по овој мост. По извршените мерења во изминатиот период за време на еден час по мостот поминале околу 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња како и 250 автомобили што е преголема бројка за еден пат од локален карактер. Исто така, овој тип на мостови со мало растојание помеѓу столбовите повеќе не се градат.

Проф.др. Елена Думова Јовановска од Градежниот факултет информираше дека е извршен визуален преглед, а направени се и испитувања на материјалите со мошне сензитивната опрема во соработка со американската компанија „Диџитекс“.
„Општината ќе ги добие нашите согледувања до почетокот на следната недела. Нашите препораки ќе се однесуваат на мерките како одреден период да се обезбеди колку што е можно посигурна употреба на мостот, но трајното решение секако е нов мост“ - рече проф.Јовановска.

Таа истакна дека малите мостови кои се неприметливи во сообраќајот се обично едни од најкритичните точки. Како дополнителен ризик фактор е тоа што Македонија е земја со сеизмички ризик и станува се појасно дека при градење на мостовите и при одржување на постоечките, потребна е посовремена опрема и задолжително вградување на планови за мониторинг.


Градоначалникот Коцевски апелираше до централната власт за итно обезбедување на финансиски средства. Општина Велес веќе оствари средба со Јавното претпријатие за државни патишта, а во наскоро време ќе побара средба и со претставници на Владата на која ќе се разговара за измена на статусот на овој пат во регионален пат. Воедно, ќе бидат побарани и средства за санација на мостот како привремено решение, но пред се итна е потребата од обезбедување на средства за нов мост преку реката Вардар кај Речани со цел трајно решавање на овој проблем и поголема безбедност на сообраќајот на овој патен правец.