Се отвори нова градинка во с. Караслари

Отворањето на новата градинка во село Караслари беше во фокусот на денешната посета на министрите за труд и социјална работа и финансии, Мила Царовска и Драган Тевдовски и Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Овој проект е започнат во 2016, објектот е во сопственост на Општина Велес - реконструиран од средства на Министерство за труд и социјална работа. За опремување на оваа градинка од буџетот одвоени се околу 850 илјади денари. Капацитетот на објектот е за 40 деца, а во моментов се прифатени 20 деца.

Коцевски ја истакна важноста од вклучувањето на деца во системот на предучилишно образование затоа што во понатамошниот воспитно-образовен процес истите полесно се социјализираат и адаптираат во новата средина.

„Особено ми е мило што отвораме градинка во рурална средина. Во ова село нема намалување на бројот на жителите, тоа е перспективно. Во близина се наоѓа фабриката Маркарт, една од најсериозните инвистиции во Македонија. Тие имаат планови да го зголемат бројот на вработени во наредниот период, што значи дека очекуваме бројот на деца во оваа градинка наредниот период да биде зголемен“- рече Градоначалникот Коцевски.

Царовска ја истакна одличната соработка со Општина Велес и се осврна на идните планови на Министерството за труд и социјална политика. Досега има изградено 11, а до крајот на годината ќе има уште 11 нови капацитети за згрижување на деца. До крајот на мандатот, Владата има цел за 50 % да го зголеми опфатот на деца во предучилишно образование.

„Нашата цел е континуирано да ги зголемиме просторните капацитети на детските градинки во земјава и во предшколските програми да ги вклучиме и дечињата од руралните средини кои досега немаа таква можност. Затоа како Влада посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој“ – истакна министерката Царовска.

Министерот Тевдовски се осврна на фактот што Владата континуирано вложува во кадарот што се грижи за децата. „Од септемвриската плата исплатена во октомври се предвидува покачување од 5%, за сите 4.300 вработени во градинките”, изјави Тевдовски. 
Тој исто така најави дека Владата во соработка со Светска Банка ќе реализира проект во вредност од 35 милиони евра кои ќе се користат за изградба на нови градинки.