Поетска вечер во Велес
Во организација на членовите на клубот „Коста Солев Рацин“со поддршка од Општина Велес годинава на 24 август, се одржа културната традиционална манифестација „Велешка поетска вечер“ во рамките на Велешкото културно лето 2018.
Во градот на великанот Рацин, со песната „Ленка“ во изведба на Кристијан Јорданов и придружба на Кире Ацевски започна вечерта на чествување на поезијата и музиката. На манифестацијата со свои стихови настапија поети од Скопје, Кочани, Штип, Кавадарци, Прилеп и градот домаќин. Околу 30 поети на платото пред театарот во Младинскиот парк имаа можност да ги претстават своите најнови творби пред присутната публика, а меѓу нив и Васил Тоциновски, Филип Димкоски, Ели Маказлиева, Ленче Китановска, Ленче Стојменова и др.
Надарените ученици од општинското музичкото училиште „Стефан Гајдов“ Исмаил Дурмишевски и Јосиф Бочваров ја збогатија оваа вечер придружувајќи ги на гитара сите настапи на присутните поети.
Општина Велес дава целосна поддршка на поголем број на активности за афирмирање и промоција на вистинските културни вредности. Следниот настан за сите вљубеници на убавиот пишан збор е предвиден на 27 август (понеделник) во медиотеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“ кога ќе започне и промоцијата на досегашните Рациновите лауреати. Оваа манифестација континуирано ќе се одвива до крај на месец септември.