Рационализацијата неопходна за ефикасно образование

Рационализацијата и решавањето на проблемите со фиктивните работни места се неопходни за ефикасно образование и домаќинско работење смета градоначалникот Аце Коцевски. На прес конференцијата одржана на 12 септември годинава тој укажа дека во минатото во училиштата се создавани работни места за наставници без притоа да се води сметка колкав е реалниот фонд на часови и реалната бројка на ученици.

„Не може фиктивно и вештачки да се одржуваат паралелки. Велес е лидер во областа на рационализацијата. И меѓународните донатори најавија поддршка за активности кои ќе придонесат за поефикасно образование“, рече Коцевски. Тој ја информираше јавноста дека ќе покрене постапка пред Основното јавно обвинителство  во два утврдени случаи на кршење на законите.

„Во првиот случај директорката на ООУ „Васил Главинов“ заедно со директорката на ООУ „ЈХК-Џинот“ на наставникот Мирослав Велковски, наставник по географија фиктивно му воделе дека држи настава 4 часа неделно во основните училишта во Сливник и во Бузалково. Тој никогаш не се појавил таму, а земал плата за тоа, со што буџетот на Општина Велес и на државата е оштетен, за што треба да сносат одговорност.

Вториот проблем што го констатиравме е дека масовно во изминатиот период од партиски и политички причини,на незаконски начин е вршена трансформација на работниот однос на повеќе професори и наставници од определено на неопределено време без да имаат доволен број на часови. И покрај тоа што директорите потпишале изјава под полна материјална и морална одговорност дека во наредините 5 години ќе има доволен број на часови, уште во првата година заради намалениот број на ученици кај тие професори се јавува недостиг на часови заради што сметаме дека трансформацијата е направена на незаконски начин“, рече Коцевски.

Тој нагласи дека општината нема да покренува кривични пријави, туку раководејќи се од презумпцијата на невиност само ќе го извести основното јавно обвинителство кое понатаму ќе одлучи за постапките.