Во сабота-еко акција за почист Велес

Во сабота, 15 септември Општина Велес ќе ја организира третата по ред еколошка акција годинава. Градоначалникот Коцевски  ја извести јавноста дека овојпат Велес се вклучува во глобалните активности за одбележување на Светскиот ден на чистењето. Акцијата во Република Македонија ја координира Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „ГОУ ГРИН“ од Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

На подрачјето на Општина Велес акцијата ќе започне во 8 часот на две локации: Во месноста Дворови кај игралиштето и во  околината Општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ како  и во околината на  Домот на невладини организации на улицата  „Трајко Панов“.

Втората локација е во Нова населба на потегот од улицата „11 Октомври“  -мало пазарче до улицата индустриска кај „Брако“

Во акцијата ќе се вклучат вработените во општинската администрација, ЈКП „Дервен“ граѓанските организации, компаниите и училиштата кои ќе ги исчистат училишните дворови.

ЈКП „Дервен“ ќе обезбеди механизација, а општината кеси и ракавици за учесниците во акцијата.

Собраниот отпад треба да се пријави на дежурниот телефон во ЈКП „Дервен“ 043/233-768.

Со став дека изгледот на градот е лицето на секој од нас, Коцевски ги повика граѓаните, во сабота, во 8 часот масовно да се вклучат во акцијата и да придонесат за почист и поубав Велес.