Решенија за мостот кај Башино Село
Општина Велес ќе побара од Владата во плановите за инвестиции за наредната година да предвиди изградба на нов мост кој би бил лоциран кај ЈП „ХС Лисиче“. Во меѓувреме ќе се користат неколку алтернативни решенија за намалување на ризиците во сообраќајот на мостот на патниот правец Велес-Башино село. На прес конференција, градоначалникот Коцевски ја информираше јавноста за критичната состојба на мостот изграден од ЈНА како времен објект пред 47 години.
„Ние како општина одлучивме да распишеме јавен повик и да избереме фирма која ќе даде најдобро решение за испитување на статичката стабилност на мостовската конструкција. Заводот за испитување на материјалите во соработка со градежниот факултет го достави извештајот. Резултатите не се добри. Според испитувањата на Градежниот факултет само за еден час преку мостот поминуваат 39 шлепери, 43 товарни возила и комбиња и 250 леки коли што не одговара на локален пат.“, рече Коцевски кој ја информираше јавноста дека разговарал со премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев, министерот за транспорт и врски Сугаревски како и директорот на ЈП за државни патишта.
Како што нагласи градоначалникот ќе побара од владата и министерството за транспорт и врски овој локален пат да се прекатегоризира и да добие статус на регионален пат. Со тоа, надлежноста за санација на мостот ќе се пренесе на владата. До изградбата на нов мост предложени решенија се намалување на брзината на возилата на 20 км/ч и итни интервенции на мостовската конструкција.