Еколошка битка за Превалец и населбата Тунел

Како одговор на реакциите на граѓаните за загадувањето од фабриката во Превалец, градоначалникот Аце Коцевски ја извести јавноста за мерките што се преземаат. „По постапката што општината  ја покрена пред Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен како резултат на реакцијата на велешката јавност, министерството за животна средина и просторно планирање ја одзеде еколошката дозвола на КАМЕНОЛОМ ТЕХНО ПАВЕР  од Скопје за фабриката во Превалец.

И покрај фактот што дозволата е одземена на четврти јуни годинава, фабриката продолжи да работи цело лето. Иако ова е А инсталација под надлежност на државниот инспекторат и министерството за животна средина и просторно планирање, инсталацијата се наоѓа на територијата на Општина Велес и граѓаните се директно засегнати со влијанијата врз животната средина од нејзината работа. Како Градоначалник на Општина Велес сум должен да инсистирам да се превземат сите неопходни мерки за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Затоа би сакал да ве известам дека ги преземаме сите законски мерки во наша надлежност. Доколку сопствениците на компанијата продолжат да работат без дозвола ќе се организираме со граѓаните и ќе реализираме акции за спречување на понатамошната работа“, рече Коцевски.

Тој ја информираше јавноста дека инспекцискиот увид извршен на 12 септември годинава покажа дека во моментов варницата не работи. Сепарацијата запрела со работа пред неколку дена и е предмет на ремонт. Општина будно ќе ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни мерки. Градоначалникот рече дека очекува  во постапката за добивање на А интегрирана довола да биде вклучена и општината, која минатиот пат институциите ја заобиколија. За проблемот веќе се известени премиерот и министерот за животна средина.