19 седница на Советот – образованието во фокусот
Од вкупно 17 точки на дневен ред на 19 седница на Советот на Општина Велес, 15 беа посветени на образованието. На седницата што се одржа на 12 септември годинава, беа разгледани и усвоени годишните извештаи за работењето на основните и средните училишта на подрачјето на општината како и годишниот извештај и програмата за работа на општинскиот ученички дом „Лазар Лазаревски“.
Особена дискусија предизвикаа предлог-решенијата на градоначалникот за запирање од објавување на решенијата на советот за давање согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици во OОУ „Рајко Жинзифов“ Д. Оризари, ОСУ „Јовче Тесличков“ и ССОУ „Димитрија Чуповски“. Во моментов овие училишта имаат паралелки со помал број ученици од законски предвидениот минимум. Градоначалникот Аце Коцевски рече дека во донесувањето на овие решенија не е испочитуван принципот на економичност каде паралелките со помал број на ученици можат да се комбинираат и на тој начин да се заштедат средства во буџетот.
Тој побара Советот на Општина Велес да ги постави уште еднаш овие точки на дневен ред, да го преиспита ставот и да донесе конечна одлука. Советот прифати да се преиспитаат решенијата и да се разгледаат можностите за организирање на комбинирани паралелки во OОУ „Рајко Жинзифов“ Д. Оризари и ОСУ „Јовче Тесличков“. За ССОУ „Димитрија Чуповски“ не беше потврдено решението на градоначалникот, а советот го потврди своето решение паралелките во ова средно училиште да функционираат со различни профили и намален број на ученици без да се комбинираат.
Градоначалникот Коцевски најави дека во овој случај постапката ќе продолжи пред Уставниот суд согласно одредбите на Законот за локална самоуправа. На седницата советот донесе и одлука за изготвување на Стратегија за користење на обновливи извори на енергија.