Втора седница на Граѓанскиот совет – евроинтеграциите и волонтерството во фокусот

Граѓанскиот активизам, улогата на граѓанските организации во евроинтеграциите и развојот на волонтерството беа главни теми на втората седница на Граѓанскиот совет, што се одржа на 14 септември годинава, во општина Велес. Градоначалникот Аце Коцевски им порача на граѓанските организации дека тие треба да бидат вистински мост помеѓу општината и граѓаните и да придонесат за развојот на Велес .

„Велес мора да го врати приматот на граѓанскиот активизам што го имавме со Зелената коалиција како водечка во државата и препознатлива на меѓународен план“, рече Коцевски. Со став дека општината ќе утврди точни критериуми за распределба на средства за проекти на здруженијата на граѓани и распределба на просториите во сопственост на општината, градоначалникот укажа на улогата на граѓанскиот сектор во евроинтеграциите.

„Допрва ќе имаме на располагање многу средства од Европската Унија за проекти за кои ќе можат да аплицираат граѓанските организации“, рече тој со став дека преку заедничката реализација на европски проекти ќе се придонесе за развојот на Велес. Коцевски ги повика здруженијата на граѓани активно да се вклучат во утрешната еколошка акција за чист Велес. Присутните претставници на здруженијата на граѓани ја поздравија еколошката акција и укажаа на потребата од соработка со општината во развојот на волонтерството и граѓанскиот активизам.

На седницата за значењето на евроинтегративните процеси говореа Велимир Арсов и Дејан Ристов од здружението „Активо“ кои ги нагласија придобивките што граѓанскиот сектор може да ги има со евроинтеграциите. Првиот предизвик за развој на волонтерството, како што беше речено на седницата ќе биде претстојната организација на Деновите на велешката пита и вино.

Видео изјавата на Градоначалникот Аце Коцевски за медиумите проследете ја на линкот подолу: