Отворен Центар за деца со попреченост во развојот во Велес

На децата со попреченост во развојот од Велес и околината ќе им се обезбеди квалитетна грижа, можност за индивидуален пристап и третман, групна работа, креирање на пријателски односи во рамките на новоотворениот Центар кој денес беше отворен од страна на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Тимот составен од дефектолог, психолог и медицинска сестра секојдневно ќе се грижат за децата на кои им е тоа потребно. Во моментов во Центарот се пријавени околу 6 деца на возраст од 2 до 7 години, но нивниот број ќе се зголеми во наредниот период. Дневниот центар функционира како организациона единица на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Велес и целосно е финансиран од страна на Министерството за труд и социјална политика.

„Отварањето на центарот е голема работа за родителите на дечињата, затоа што ние ги превземаме децата со нега, исхрана, превоз и други услуги“- рече Азиза Џини, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Велес.

Во рамките на новоотворениот Центар, децата можат да престојуваат од понеделник до петок од 08 до15 часот. Овој простор, кој се наоѓа во просториите на Агенцијата за вработување, долго време беше нефункционален. Првично беше отворен како Центар за деца со оштетен вид но никогаш не проработи.

„Работиме на создавање на социјални услуги на локално ниво затоа што само така може да се подигне квалитетот на животот на граѓаните и да се создаде можност за инклузија на овие деца кои во моментов не се вклучени ниту во градинките ниту во училиштата. Овие центри се потребни од една страна како помош на родителите, а од друга страна за раст и развој и на овие дечиња кои имаат потреба од стимулација. Не секогаш во нивните семејства може да се обезбеди таа стимулација која треба да е стручна“- истакна министерката Царовска.

Градоначалникот Коцевски изрази благодарност за напорите што Министерството ги прави во однос на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од Велес.

„Се надевам дека во наредниот период нашата соработка ќе се продлабочува, ќе пронаоѓаме други форми да го подобриме квалитет на живеење на овие различни целни групи на граѓани на кои тоа им е потребно. Со идниот бран на децентрализација можеби овие надлежности ќе преминат во Општина Велес за да можеме ние како најблиска власт до граѓаните да се грижиме посоодветно за овие дејности“- рече градоначалникот Коцевски.

Министерката Царовска информираше и за состојбите со проектот со персонални асистенти, и кажа дека проектот досега дал одлични резултати. Миниистерството интензивно работи ова да стане дел од Националната програма во 2019 со што би се дало можност сите општини да го имплементират овој проект. Таа упати апел до сите организации кои имаат капацитети да ги координираат персоналните асистенти да се пријават, со што оваа можност би се отворила и за граѓаните на Општина Велес.