Велешани на велосипеди- Одбележан денот без автомобили

Велосипедистите денеска го освоија Велес. На одбележувањето на Денот без автомобили во рамките на Европската недела на мобилност, стотици ученици од основните и средните училишта покажаа каков може да биде сообраќајот во Велес ако се користат еколошки средства за превоз. Придружувани од велосипедистите од здруженијата на граѓани, најмладите љубители на велосипедизмот рекреативно возеа од центарот на градот до Младинскиот парк каде се одржа централната манифестација.

Учениците ја изразија и својата креативност и го насликаа Велес на иднината, преполн со зеленило, виножита, здравје и се разбира велосипеди. „Денес сум многу среќен што присуствувам на настан организиран во рамките на Европската недела на мобилност, денес е Светскиот ден без автомобили. Еден од нашите најголеми приоритети следната година ќе биде Планот за одржлива урбана мобилност, нешто ново што не е донесено во ниедна општина во Македонија. Ќе се обидеме да направиме компромис помеѓу двете крајности на Велес, едната што е стар град, со тесни улици, на кои е многу тешко да се обезбедат велосипедски патеки и потребата на новото време, да имаме што повеќе велосипедски патеки“, рече Коцевски кој нагласи дека во Велес автомобилите треба да бидат истиснати од централното градско подрачје, а прв приоритет да бидат пешаците и велосипедистите.

Градоначалникот упати благодарност до децата, училиштата, Министерството за животна средина и просторно планирање, здруженијата на граѓани кои се занимаваат со велосипедизам и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот за успешната организација на настанот. Манифестацијата се одржа со поддршка на Општина Велес.