Решение за отпадните води од Горно и Долно Јаболчиште
Градоначалникот Коцевски денеска информираше за решението на најгорливиот проблем за водоснабдување на Велес, отпадните води од Горно и Долно Јаболчиште. „Тоа што успеавме да го направиме преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион пред сé е од суштинско животно значење за нас како граѓани на Општина Велес затоа што се сé позагадени водите кои од хидросистемот „Лисиче“ доаѓаат во нашата пречистителна станица.
Со проектот за изработка на проектно-техничка документација за изградба на систем за фекална канализација, прочистителна станица и регулација на коритото на река Тополка во село Горно и Долно Јаболчиште, во вредност од 1.800.000 денари ќе се реши еден огромен проблем за нас“, рече Коцевски кој ја извести јавноста и дека преку Вардарскиот плански регион ce обезбедени средства во висина од 2 000 000 денари за чистење на речното корито на река Тополка помеѓу Горно и Долно Јаболчиште во должина од 4 км, со што ќе се исфрли смет од 5000м3 и ќе се заштити реката која е клучна за водоснабдувањето на Велес.