Oдбележан Меѓународниот ден на Бошњаците
„Мостови на пријателство“- гласеше мотото на овогодинешната прослава на 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците која се одржа во основното училиште Рајко Жинзифов од с. Горно Оризари. Настанот беше со поддршка на Општина Велес и во соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
За значењето на овој ден за бошњачката заедница во Македонија и во светот говореа градоначалникот Аце Коцевски, заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Џелал Хоџиќ и членот на Советот на Општина Велес Менсур Бачевац. „Бошњачката заедница во целина, а особено жителите на Горно Оризари каде според последниот попис живеат 2262 лица не само што е длабоко интегрирана во Општина Велес, таа е Велес- град што со гордост може да се нарече дом на различностите и центар на еднаквоста на сите заедници.
Фактот што само годинава во инфраструктурниот развој на Горно Оризари вложивме над 15 милиони денари (околу 244 илјади евра) потврдува колку е важна Бошњачката заедница за нас“- рече Коцевски и го честиташе празникот на сите граѓани од бошњачката заедница. Хоџиќ во своето обраќање нагласи дека бошначкиот народ е долго тука и ја чувствува Македонија како своја земја.
„Во Македонија сме конструктивен фактор. И ние го чувствуваме истото сонце кое не грее и ја чувствуваме потребата да дадеме свој придонес во развојот на оваа држава. Бошњаците во Македонија индивидуално се успешни луѓе во спортот, музиката, бизнисот, науката и образованието и политиката. Можеби ни недостасува да бидеме поуспешни во колективното преставување“- истакна Хоџиќ.
„Ние Бошњаците, претставуваме многу важен дел на заедницата во Велес, но и во целокупното македонско општество каде дадовме голем придонес во изградбата на заеднички вредности кои го градат единството, меѓучовечкото разбирање и хармонија“, нагласи Бачевац во своето обраќање.
На свеченоста беше отворена изложба на 37 фотографии од музејот „Алија Изетбеговиќ“ од Сараево во која темата беше животот и делото на поранешниот претседател на БиХ. Во знак на благодарност, од името на здружението на граѓани „Лилијум Босниакум“ Џелал Хоџиќ на Градоначалникот Коцевски му подари една од фотографиите.
Прославата беше збогатена со ревијален фудбалски натпревар меѓу учениците од ОУ „Рајко Жинзифов“ и ОУ „Блаже Конески“. За музичко-сценскиот дел се погрижија ученици од училиштето „Рајко Жинзифов“ како и познатите музичари Емир Шкриељ, Теодор Бошков и триото „Муса“. Гостите имаа можност да ги вкусат и традиционалните бошњачки јадења, приготвени од вредните раце на членките на Организација на жени од град Велес.