Нови можности за соработка со Република Словенија

Средбата на градоначалникот Аце Коцевски со претставници на Министерството за надворешни работи на Република Словенија отвори нови можности за соработка. На средбата што се одржа на 5 октомври годинава, Коцевски разговараше со Матијаж Флоријанц Лукан - секретар во Директоратот за меѓународна соработка и хуманитарна помош на Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Гили Вишај - економски советник во Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија и Убавка Јаневска извршен директор на Фондацијата „Фокус“ која спроведуваше проект финансиран од Република Словенија.

Отворените можности за реализација на заеднички проекти во областа на младите, заштитата на животната средина и одржливиот развој беа главни теми на дискусија. Градоначалникот Коцевски ги информираше гостите од Словенија за тековната работа на стратешките документи за одржлива урбана мобилност и развој на паметен град.

Лукан и Вишај од своја страна ја нагласија подготвеноста да го поддржат Велес преку реализација на конкретни активности за трансфер на знаења за европските стандарди и практики на релација помеѓу Љубљана, градот Цеље и Велес. Тие укажаа и на можностите за апликација на заеднички проекти на граѓанските организации и општината со партнери од Словенија. Како што беше речено на средбата, конкретни активности можат да се реализираат уште во ноември годинава.