Делегација на Општина Велес во посета на збратимениот град Ужице

На покана на претседателот на Собранието на Град Ужице, Бранислав Митровиќ, по повод "Денот на Градот Ужице", делегација на општина Велес предводена од градоначалникот Аце Коцевски престојува во Ужице, Република Србија каде ќе оствари повеќе билатерални средби. 

Покрај средбите и разговорите за продлабочување на соработката, на 8 октомври годинава, претставниците од општина Велес имаа можност да го посетат националниот парк „Мокра Гора" - уникатен парк на природата кој привлекува голем број на домашни и странски туристи. Во рамките на паркот се наоѓа и "Шарганската осмица", ревитализирана железничка пруга атрактивна за туристите и посетителите. Делегацијата на Велес го посети и туристичкиот град Дрвенград  изграден од познатиот режисер Емир Кустурица.Во Ужице членовите на делегацијата на Општина Велес имаат можност да разговараат и со претставници на делегации од Бер, Грција и Курск,Русија.