Подобри услови за практична настава во ССОУ „Коле Неделковски“

Општина Велес деновиве стартуваше со проектот за реконструкција на кровот на машинската работилница и кровот на сервисната работилница во ССОУ „Коле Неделковски“. За реализација на проектот од буџетот на општината се издвоени средства во износ од 3.296.920,00 денари. Изведувач на гредежните работи е градежната компанија „Делта Пром Инженеринг“ од Велес.

Се очекува оваа фаза да заврши за еден месец. Во училиштето е извршена демонтажа на 135м2 постоечки прозори кои се заменети со ПВЦ прозори со термопан застаклување со што ќе се подобри енергетската ефикасност. Во наредниот период 830м2  од застарените и штетни азбестно-цементни табли ќе се заменат со нови, изработени од еколошки прифатливи материјали. Овој проект ќе придонесе за подобрување на условите за практична настава на учениците во работилницата во која опремата за работа ја обезбеди компанијата „Маркарт“.