Свечености по повод 11 Октомври

Во организација на Општина Велес, а во соработка со Сојузот на борците од НОАВМ Велес, денеска свечено беше одбележан 11 Октомври, Ден на народното востание на македонскиот народ. На свеченоста што се одржа на Спомен костурницата, делегации на Општина Велес, Сојузот на борците од НОАВМ, АРМ, институции, установи, политички партии и здруженија на граѓани положија цвеќе пред вечниот паметник на хероите на Велес и Македонија.

Програмата беше збогатена со рецитал на ученици од гимназијата „Кочо Рацин“ кои ги вратија спомените на славното минато во борбата против фашизмот и храброста на генерациите што нè задолжија со вечно паметење.

Во рамките на одбележувањето на големиот празник, денеска во Народната библиотека „Гоце Делчев“ беше промовирана книгата „Златоусно слово“  од д-р Васил Тоциновски.  Книгата ја промовираа  д-р Васил Дрвошанов и д-р Славчо Ковиловски.