Прес конференција на Градоначалникот Коцевски -Велес се движи во вистински правец

Велес излегува од криза, а развојот на општината оди во вистински правец. Ова е оценката на градоначалникот Аце Коцевски кој денеска на прес конференција ги соопшти резултатите постигнати од неговото стапување на функцијата пред една година.

Тој ја извести јавноста дека општината ја затекнал заглавена во огромни долгови во висина од 2,8 милиони евра од кои најмногу кон ЈКП „Дервен“ 1,5 милиони евра. Долговите кон „Дервен“ се направени од минатата општинска власт која од 2013 до 2014 година не платила ниту една фактура.

„Грдата слика на Велес како нечист и неуреден град се должи токму на нивното  недомаќинско работење “, рече Коцевски. До денес кон „Дервен“ се покриени долгови во висина од 400.000 евра, а сите останати долгови кон градежните фирми и добавувачи се вратени. Како што рече градоначалникот ова отвара простор за нови проекти и развој на Велес.

На прес конференцијата Коцевски ги наброја најзначајните проекти меѓу кои проектот за изградба на колекторски систем со пречистителна станица вреден 24 милиони евра, проектот Смарт езеро Младост вреден над еден милион евра кој успешно ја помина првата фаза на апликација, проектот за гасификација, новите сообраќајни решенија, новите јавни претпријатија и планот за паметно искористување на 20 објекти во сопственост на општината.

Во комуналната инфраструктура издадени се 312 работни налози за проекти и интервенции од кои 250 се реализирани, а останатите се во тек. Со став дека треба да прекинат партизацијата и поделбите и сите граѓани заедно да придонесат за поубав и почист Велес, Коцевски најави ново време на развој во кое ќе се реализираат многу проекти, ќе се изградат нови објекти, Велес ќе добие нова библиотека, Младински креативен центар, уреден простор околу саат кулата, туристичко биро и уредени јавни површини  што ќе придонесат  за  поубав и поуреден град.

„Велес конечно застана на нозе, Ве повикувам заедно да работиме, да го почитуваме и негуваме нашиот град. Верувајте многу скоро сите ќе бидеме дел од новиот лик на Велес на иднината“ , рече Коцевски. Тој нагласи дека се гордее со квалитетот и нивото на реализираните културни манифестации како „Рациновите средби“ и најави детален извештај за сите проекти и активности реализирани изминатата година. 

Прес конференцијата на градоначалникот Аце Коцевски во целост можете да ја проследите на следниот линк: