Интензивно се чистат дивите депонии во општината

Согласно утврдените активности од Програмата за управување со отпад за 2018 година за чистење на диви депонии, Општина Велес спроведе активности за чистење на дивите депонии на следните локации: зелен појас Топилница, населено место Оризари (во непосредна близина на новите гробишта), рекреативен центар „Езеро Младост“, „Дервенски поток“ во непосредна близина на Градскиот пазар.

ЈКП „Дервен“ во рамките на своите редовни активности секојдневно се соочува со мини депонии кои ги создаваат несовесни граѓани од шут, габаритен отпад, расфрлан комунален отпад покрај контејнерите за отпад. Општина Велес апелира до сите граѓани да постапуваат со отпадот во рамките на Законот за управување со отпад, да се воздржат од дејствија на оставање, напуштање, спалување и неконтролирано отстранување на отпад.

За услугата која им е потребна и за начинот за постапување со отпадот граѓаните можат да се информираат во ЈКП „Дервен“ на телефонскиот број 043/233-768, секој работен ден од 07.00-14.00 часот.
Општина Велес ги повикува граѓаните совесно да постапуваат со отпадот, во спротивно ќе се применуваат казнени мерки согласно законот. Само заедно со грижа за животната средина можеме да го направиме Велес почисто и поубаво место за живеење.