Велес во срцето на Париз
При посетата на Амбасадата на Република Македонија во Република Франција во Париз на 25 октомври годинава, градоначалникот Аце Коцевски доживеа несекојдневно и пријатно изненадување. Холот на седиштето на амбасадата го краси збирка на предмети, модни додатоци од срма и автентичен накит од Велес.
Артефактите на градската носија на Велес која била под влијание на „А ла франка модата“ карактеристична за 19 и почетокот на 20 век создаваат раскошна збирка која ги привлекува посетителите на амбасадата. Како што Амбасадорката на Република Македонија, г-ѓа Јадранка Чаушевска - Димов му раскажа на градоначалникот Коцевски, збирката во амбасадата ја донирала госпоѓа Сузана Лот Матје чиј татко работел како инжинер во Велес.
Случајно или не животните приказни и трагите на минатото се испреплетени во трајна убавина во срцето на Париз. Низ нив Велес и ритамот на неговото минато доминираат во просторот како повик до секој посетител и намерник да истражува повеќе и да дојде до сржта на оваа несекојдневна приказна. Како што рече Коцевски во соработка со Амбасадата во иднина ќе се направат напори збирката да се претстави пред велешани.