Средба на градоначалниците на Свиштов и Велес
На 3 ноември годинава, градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со делегација од збратимената општина Свиштов, Република Бугарија.
Градоначалникот на Свиштов, Генчо Генчев и Стојан Парашкевов, директор на дирекција за административно-правни и информативни услуги, управување на проекти и европски прашања со Коцевски разговараа за перспективите за продлабочување на соработката помеѓу двете општини, особено на планот на европските фондови и проекти.
На средбата беа разменети искуства и добри практики во повеќе области од интерес за граѓаните. Во фокусот на средбата беше интензивирањето на соработката во областа на културата и учеството на културни уметници од двата града на манифестации во организација на општините.
Градот Свиштов се наоѓа во северниот дел од Бугарија и е еден од збратимените градови со кои Општина Велес успешно гради мостови на пријателство и соработка.