Денот на општина Велес ќе се одбележи со 16 настани

На прес конференцијата одржана на 5. ноември годинава, градоначалникот Аце Коцевски ја претстави програмата за одбележување на 74 години од ослободувањето на Велес и саможртвата на хероите кои го положија животот за слободата што ја живееме денес. Тој изрази задоволство од успешната реализација на третото издание на Велешкиот полумаратон со учество на 340 натпреварувачи од земјава и странство.

Со полумаратонот на 4. Ноември годинава започна програмата за одбележување на празникот. Програмата продолжува утре со свеченото отворање на 51 –то издание на Детските Рацинови средби, во 12:30 часот во Народниот театар „ЈХК-Џинот“. На литературниот конкурс годинава се пријавија 118 ученици од целата држава. На ликовниот конкурс пристигнаа 40 творби на ученици. „Очекуваме утре Велес да биде центар на младоста, поезијата и креативноста во чест на Рацин и да собере на едно место над 300 ученици и добитници на награди од основните и средните училишта од Велес и Република Македонија. Оваа значајна манифестација ја организираме во соработка со Клубот на писатели „Коста Солев-Рацин“, рече Коцевски.

Во рамките на програмата за одбележување на 9. Ноември, покрај Детските Рацинови средби ќе се одржат голем број на културни и спортски активности и манифестации, промоции на книги, изложба како и прво претставување за пошироката јавност на дело од Ѓорги Зографски создадено во 1921 година. Во програмата со свои активности ќе се вклучат градинката „Димче Мирчев“, Здружението на спортски ветерани, театарот „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“ и други организации и институции.

Свечената академија на која ќе бидат доделени 9-то Ноемвриските награди и признанија ќе се одржи на 9. ноември (петок), со почеток во 19 часот, во Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“. На академијата ќе настапат Музичко - балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“ со сценската адаптација „Од Којник до Прцорек“ и групата „Чалгии Мерак“ која ќе одржи концерт. Како што најави Коцевски, во рамките на програмата, во сабота 10. ноември, во 20 часот, во Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“ свечено ќе се додели актерската награда за животно дело „Петре Прличко“.