Несовесните граѓани продолжуваат со создавање диви депонии

„Загрижен сум од недостигот на култура на живеење на дел од нашите сограѓани. Вчера бев фрапиран од глетката зад зградата на Работничкиот универзитет каде на две места беше истурено комиње. Апелирам до сограѓаните добро да ги воспитуваат своите деца и самите да ги применуваат правилата на културно урбано живеење“, рече на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски.

Тој укажа дека континуираното создавање на диви депонии од страна на несовесните жители на градот и населените места резултира со непотребно трошење на парите на граѓаните од буџетот на општината. „Доколку не сме принудени постојано да чистиме диви депонии, тие средства можеме да ги искористиме за проекти кои се значајни за граѓаните“, рече Коцевски. Тој изјави дека слична ситуација со загадувањето на животната средина сретнал и на влезот на Тополка.

Коцевски најави заедничка активност со ЗГ „Акцијаши“ за уредување на околината, изградба на паркинг за посетителите и уредување на површини по течението на Тополка. Во контекст на управувањето со отпадот, Коцевски рече дека решението е едноставно и дека таму каде што контејнерите не можат да ги задоволат потребите поради тоа што ги користат и граѓаните и правните субјекти ЈКП „Дервен“, треба да организира почесто собирање на сметот,ако е потребно дури и двапати во денот. Градоначалникот најави дека проблемите со управувањето со отпад ќе се решаваат и со поставување на подземни контејнери.