Случај „Техно Павер“ - Јавната расправа можност за граѓаните
На прес конференцијата одржана на 5. ноември годинава, градоначалникот Аце Коцевски ги повика граѓаните, особено жителите на населбите „Тунел“ и „Превалец“ активно да се вклучат во јавната расправа што Министерството за животна средина е надлежно да ја организира откако компанијата „Техно Павер“ до министерството доставила барање за А интегрирана еколошка дозвола.
„Мојата оценка и оценката на стручните служби е дека таа инсталација работи бесправно и сериозно ја нарушува животната средина и течението на река Тополка“, рече Коцевски како одговор на новинарско прашање. „ Ве информирам дека на втори ноември годинава, согласно член 103, став 4 од Законот за животната средина, испратив барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за организирање на јавна расправа од страна на инвеститорот во просториите на општината, на која ќе ги отвориме сите прашања за работата на инсталацијата и сите проблеми кои нејзината работа ги предизвикува за граѓаните на Општина Велес“, рече Коцевски кој уште еднаш апелираше до граѓаните да бидат присутни на јавната расправа за чие одржување општината ќе информира на веб страницата и преку социјалните мрежи. „Ништо, никаков профит, никаков економски интерес не е поважен од животот и здравјето на граѓаните“, порача Коцевски.