Граѓаните одлучуваат како ќе се троши општинскиот буџет во 2019
Денес, во големата сала на Општина Велес граѓаните имаа можност да учествуваат на јавната расправа по однос на нацрт -документите за работа на Општината во 2019 година. Претставниците на здруженијата на граѓани, урбаните и месните заедници, спортските клубови и други заинтересирани граѓани земаа активно учество во дискусијата која се водеше по презентираните 14 нацрт документи кои се однесуваат на изградбата на општинската инфраструктура, животната средина, образованието, културата, спортот, младите и воопшто сите области на надлежност.
Коцевски ги информираше граѓаните за идните планови на општината како и за најновите насоки од Владата во однос на планирањето на буџетите на единиците на локална самоуправа каде општините ќе можат да ги планираат сопствените приходи најмногу до 10 посто од просечните приходи во последните три години. Присутните беа запознаени со состојбите во врска со постоечкиот долг на општината од околу 90 милиони денари. Од буџетски средства ќе бидат покриени 51 насто од пријавените долгови на општините.
Во следната година меѓу големиот број на планирани активности, интензивно ќе се продолжи со изработка на студии, техничка документација која ќе се користи за пријавување на проекти пред домашните и странските фондови кои стојат на располагање за општините. Граѓаните од своја страна, дадоа одлични идеи и сугестии за голем број на проекти од јавен интерес со цел зголемување на квалитетот на животот. Голем дел од предлозите ќе бидат земени во предвид во понатамошниот процес на донесување на програмите.
Преку организирањето на овој тип на јавни расправи Општина Велес продолжува со заложбите за активно вклучување на сите граѓани во процесот на одлучување и почитување на принципот на целосна отвореност и транспарентност на општината.