На свечена академија доделени 9-то Ноемвриските награди и признанија

Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ на 9. ноември годинава, на свечена академија беа доделени највисоките награди и признанија на поединци, организации и компании што придонесоа за развојот и афирмацијата на Велес во 2018 година.

Пред присутните гости од Македонија, Србија и Франција се обрати градоначалникот Аце Коцевски кој ги презентираше плановите и најзначајните проекти за развој на Велес во наредниот период меѓу кои: Стратегијата за паметен град, Планот за одржлива урбана мобилност, развојот на инфраструктурата, училиштата, развојот на езерото Младост како атрактивна транзитна дестинација.

Упатувајќи благодарност до борците и сите што со својата саможртва ги задолжија генерациите на Велес, Коцевски им честиташе на добитниците на наградите и признанијата и ги повика сите велешнаи каде и да се да придонесат за нивниот роден град.

Годинава, најпрестижната награда за животно дело „Гемиџии“ му беше доделена на др. Венцислав Грабулов, научник, истражувач и универзитетски професор во областа на металните материјали. Др. Грабулов им заблагодари на општината и на велешани за престижната награда која како што рече му е драга затоа што доаѓа од неговите корени, од неговиот роден град. Тој нагласи дека за него најважни се луѓето, другарите, пријателите и сите оние што во животот градат нераскинливи врски во чија суштина е Велес.

Др. Грабулов пријатно ја изненади публиката кога соопшти дека паричниот дел од наградата му ја донира на малечкиот велешки генијалец Христијан Арсов. 8-годишниот Арсов измами огромен аплауз од присутните. Ова чудо од дете кое зборува латински и странски јазици, учи астрономија , математика и информатика и има коефициент на интелигенција 145 измами и многу насмевки кога на сцената рече дека кога ќе порасне сака да биде инжинер на НАСА, архитект и научник.

На свечената академија беше доделена наградата најстудент „др. Георги Шоптрајанов“ на студентката по медицина Тамара Савевска со просек 9,91.

На годинешните добитници им беа доделени 9-то ноемвриските признанија:

Спомен плакета „9-ти Ноември“ 
• Здружение за хумано домување Хабитат-Македонија
• Друштвото за производство, трговија и услуги ДООЕЛ „Жито увоз извоз“ 
• Војко Јаневски 
• Д-р Љиља Поцкова
• Службата за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца 
• Општинското основно училиште „Благој Кирков“
• Кирил Вангелов
• Организација на жени на Општина Велес
• Игор Крајчев

Благодарница „9-ти Ноември“ 
• Меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет Мобилност
• Здружение на граѓани „Велес Бајкинг“

Пофалница „9-ти Ноември“ 
 • Љубица Филипова
• Теодор Анѓелески
• Бојан Димовски
• Група млади организатори на настан „Мовембер“
• СПД „Зелен рај“
• Дејан Митров и Коста Тахов

На свечената академија настапија Музичко - балетскиот училишен центар „Илија Николовски - Луј“ од Скопје, Камерниот –црковен Хор „Свети Великомаченик Пантелејмон“ од Велес и групата „Чалгии Мерак“.