Општина Велес доби проект вреден над еден милион евра
Општина Велес ќе реализира проект вреден околу 1.080.000 евра или 66.324.937 денари. Ова на прес конференција го соопшти градоначалникот Аце Коцевски.
Тој ги информираше граѓаните дека 59.927.621 денари или 974.433 евра ќе ги обезбеди Европската Унија од ИПА програмата, а со нив ќе управува Проектот на Светска Банка. 10% -6.397.315 денари, односно 104.000 евра се учество на Општина Велес преку Програмата за активностите на општината во областа на локален економски развој за 2019 година.
Проектот „Смарт езеро Младост“ кој е усогласен со нашата стратегија за развој на паметна општина е интегрирана целина од вкупно 27 активности од кои 8 се инфраструктурни зафати, 9 се набавка на опрема, 3 активности за сигналитика, 2 активности за обука и 5 активности за туристичка промоција“, рече Коцевски.
Со проектот Велешани и регионот ќе добијат нова пешачка патека покрај езерото долга 750 метри, еко камп со 7 унифицирани куќички од дрво во форма на вински буриња како симбол на македонскиот вински пат и парк за авантури за деца во рамките на кампот.
Воедно, проектот ќе вклучи изградба на пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“ и уредување и маркирање на велосипедски патеки во должина од 17, 5 километри. Со проектот ќе се уреди паметен паркинг за 23 возила, ќе се постават 43 паметни сијалици, а крајбрежниот појас на езерото под патеката ќе биде песажно и хортикултурно уреден. Проектот ќе овозможи набавка на 20 паметни влосипеди, 5 паметни контејнери, 5 паметни клупи на соларна енергија, 30 контејнери, платформа за набљудување на птици и киоск за продажба на сувенири.
Велес ќе добие и туристичко биро во зградата на поранешните општествено политички организации. Проектот опфаќа и активности за сигналитика со поставување на билборд крај автопатот Е 75, и информативни табли вдолж езерото, како и промоција преку промотивни видео спотови, брошури, систем на sms пораки и веб страница. Од паднатите дрвја крај езерото ќе бидат изработени клупи.
Како што рече Коцевски ова е најголемиот грант што досега го добила Општина Велес. Тој упати благодарност до Европската Унија, Светска Банка, Центарот за развој на Вардардскиот плански регион, винариите „Шато Сопот“ и „Тристо“, Хотелот Романтик, ресторан „Бела Вода“,хотел Ресторан „Панини“ и новиот хотел „Глориус“ што го прифатија учеството и во целост го поддржаа проектот како и до тимот на општината што работеше на апликацијата.
„Ова е огромна шанса Велес да прерасне во значајна транзитна туристичка дестинација не само во Македонија, туку и пошироко во регионот и да го искористи потенцијалот на езерото крај кое годишно поминуваат над 2 милиони туристи. Воедно проектот ќе отвори нови работни места и ќе ја зајакне локалната економија што е од исклучителна важност за Велес“, рече Коцевски.