Со распределба на садови за отпад до повисока еколошка свест
Како резултат на заложбите за подигање на јавната свест и поголемо учество на граѓаните во заштитата на животната средина, Општина Велес направи распределба на стандардизирани канти за отпад од 120 литри согласно планот за 2018 година. 358 канти за комунален отпад од 120 литри во зелена боја се поделени на правни лица, како и на домаќинствата од улиците „Ѓорѓи Гајдов“, „Вардарска“, „Тодорче Николовски“, дел од улиците „Академик Пенчо Давчев“, „Славе Петков“ и „Димко Најдов“.
752 канти во жолта боја за отпад кој може да се реупотреби и рециклира се поделени на улиците „Вардарска“, „Тодорче Николовски“, „Браќа Капчеви“, „Димитар Влахов“, „Љубен Весов“, „Кочо Рацин“, „Васил Ѓоргов“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Киро Зафиров“, „Лазо Осмаков“, „8ма Велешка бригада“, „Христо Узунов“, „Крсте Мисирков“, „Тодор Христов Офецерчето“, „Васа Кошулчева“, „АСНОМ“, „Панко Брашнар“, „Мицко Козар“, „Гемиџиска“, „Славе Петков“.
Заради зголемување на бројот на домаќинствата кои започнаа со примарна селекција на отпадот во јуни годинава, ЈКП „Дервен“ врши собирање на отпадот ВО САБОТА, од 08.00-12.00 часот, во 2 реони по организиран распоред, за што граѓаните се уредно известени преку сметките за комунални услуги.
Очигледно е зголемувањето на количините на селектиран отпад, а конкретните резултати ќе бидат сублимирани и објавени на почетокот на 2019 година.
Општина Велес изврши набавка и на 20 контејнери за комунален отпад од 1,1м3 и ги постави на јавните површини во централното градско подрачје. Набавката чинеше 340.000 ден.
Потребни се дополнителни напори и коренити промени во однесувањето и начинот на работа на сите учесници при постапувањето со отпадот. Секој без исклучок треба да даде свој придонес. Граѓаните треба да го почитуваат времето на изнесување на отпадот, локациите за складирање и да се грижат за јавната чистота.
Општината работи интензивно на поставување на подземни контејнери на локациите кои се жешки точки во градот.
На последната седница донесени се одлуки со кои ќе се зголеми фреквенцијата за собирање на отпад во централното градско подрачје и на контејнерите на јавните површини.
Очекуваните резултати и промените можат да се реализираат само заедно со граѓаните.
Општина Велес апелира до граѓаните со своето однесување кон животната средина да придонесат за поубав и почист Велес.