Започнаа со работа форумските сесии на граѓаните

Во рамките на проектот "Зајакнување на општинските совети", финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДП во соработка со Општина Велес, денес се одржа првата форумска сесија на која граѓаните имаа можност активно да се вклучат во процесот на одлучување за реализација на приоритетни проекти во општината. Планот на активности предвидува четири форумски сесии за избор и подготовка на проект a во првите шест месеци од 2019та година е предвидена негова реализација.

Од големиот број присутни граѓани, меѓу кои претставници од НВО секторот од градот, образовните и јавни институции и претставници од Општина Велес, беа детектирани три основни теми, од кои учесниците ќе изберат една активност која ќе се реализира во предвидениот период до јуни 2019та година. Финансиската конструкција на проектот изнесува 50 000 швајцарски франци, а за нивната намена одлучуваат граѓаните на Велес согласно нивните потреби.

Општина Велес и понатаму продолжува на транспарентен и инклузивен начин да ги реализира проектите, а граѓаните како и до сега се целосно вклучени во постапката на нивна реализација, што се покажа како успешен модел и при неодамнешната јавна расправа за годишните програми на општината.

Следната, втора форумска сесија која е отворена за секој жител на градот е закажана за 28. Ноември 2018г (среда) во салата во ресторан "Глориус" со почеток во 13 часот.