24 седница на Советот на Општина Велес

На 24 седница што се одржа на 26 ноември годинава, членовите на советот ја донесоа измената на Одлуката за комунален ред и мерките за нејзино спроведување во Општина Велес.

Со оваа измена се дава право не само на ЈКП „Дервен“ туку и на други правни лица регистрирани согласно закон да вршат одржување на јавното зеленило и подигање на нови зелени површини.

Членовите на советот ја донесоа и Програмата за јавна чистота за 2019 година како и Програмата за контрола на популацијата на бездомни кучиња на територијата на Општина Велес за 2019 година. Советот повторно гласаше и ја донесе Одлуката за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈКП „Дервен“ Велес за период од 2018-2020 година. Со оваа одлука,  Велес нема да чека регулаторната комисија да утврди уште повисока цена на водата.

На седницата беше донесена и одлука  за изменување и дополнување на Одлуката за општински линиски превоз на патници во Општина Велес. Со измената се воведуваат две нови линии:  Сливник-Велес- Сливник и Клуковец - Бузалково. Дел од линиите кои поаѓаат од населените места се продолжуваат по автобуските постојки низ градот.