Промовирана монографија за Светлана Антоновска

„Македонската челична дама“ е насловот на монографијата посветена на Светлана Антоновска што свечено беше промовирана на 27 ноември годинава во локалната библиотека „Гоце Делчев“. Пред присутните, книгата на Иван Антоновски ја промовираше проф.д-р Златко Жоглев кој истакна дека ова е прво дело во кое е опфатен севкупниот период на работењето и дејствувањето на Светлана Антоновска, истакната политичарка, научник, општествен деец и синоним на македонската статистика.

„Таа е предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и втемелувач на европските стандарди во неа. Антоновска е основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија и прв директор на Македонскиот завод за статистика по осамостојувањето на државата“, рече Жоглев. На промоцијата беа презентирани видео записи од јавните настапи на Антоновска на националните телевизии. Авторот на монографијата, нејзиниот син Иван Антоновски упати благодарност до Општина Велес за поддршката и можноста монографијата да се промовира во Велес. Според авторот монографијата е општествена валоризација на придонесот на Светлана Антоновска.