Промовирано аудио издание на Рациновите „Бели мугри“
Во чест на Коста Солев Рацин и неговата безвремена поезија, локалната библиотека „Гоце Делчев“ и Здружението на слепи лица –Велес на 28 ноември годинава промовираа аудио издание на збирката „Бели мугри“.
Во присуство на градоначалникот Аце Коцевски, претставници на Друштвото на писателите на Македонија и македонскиот ПЕН Центар, на промоцијата за значењето на Рациновите „Бели Мугри“ говореше Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
„Рацин води сериозна дискусија со својата традиција, со убавата македонска народна песна“, рече Чепишевска која напомена дека Рацин е канон на македонската поезија и литература.
Како што истакна во своето обраќање Игор Крајчев, директор на локалната библиотека „Гоце Делчев“, промоцијата на исклучително значајното аудио издание на „Бели мугри“ не случајно се поклопува со 79 годишнината од објавувањето на „Бели мугри“.
Ова издание за првпат овозможува слепите лица во целост да имаат пристап до Рациновата збирка, рече Крајчев. На промоцијата, поетите читаа свои стихови за Рацин и „Белите мугри“ како вечна инспирација.