Велес ќе добие План за одржлива урбана мобилност
Градоначалникот Аце Коцевски ја извести јавноста дека тендерската постапка за една од најамбициозните стратегии на Општина Велес, планот за одржлива урбана мобилност заврши.
Тендерот за изработка на документот го доби компанијата „АПИА ДОО“ од Љубљана, Република Словенија.
„Очекуваме по потпишувањето на договорот што ќе се случи во Словенија експертите да започнат со работа. Утре заминуваме за Љубљана заедно со нашиот домашен експерт Јован Христовски од Факултетот за технички науки при универзитетот „Мајка Тереза“ како и еден претставник од одделението за урбанизам на Општина Велес.
Покрај потпишувањето на договорот целта на студиската посета е на лице место да ги видиме искуствата на Љубљана како град лидер во областа на одржливата урбана мобилност“, рече Коцевски. Како што нагласи градоначалникот Општина Велес ќе биде првата општина во Македонија со ваков план кој ги исполнува европските стандарди за одржлив урбан развој.
Планот претставува комплексна стратегија за развојот на урбанизмот, сообраќајот, енергетската ефикасност и екологијата истовремено со цел да обезбеди полесен и поубав урбан живот за граѓаните.
Во рамките на студиската посета, делегацијата на Општина Велес на 6 и 7 декември ќе биде дел од собирот за одржлива урбана мобилност на ЦИВИНЕТ мрежата на градови од Југоисточна европа каде членува општината. Собирот ќе се одржи во Загреб каде нашата делегација ќе има можност да ги види искуствата на Хрватска и други земји во регионот и Европа.