И во декември, во Велес се гради

На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски ја информираше јавноста за 8 тековни инфраструктурни проекти.

 
„Денеска се поплочуваат тротоарите, а во среда ќе се врши асфалтирање на улицата „Самоборска“ со што ќе го заокружиме овој значаен проект вреден 3 милиони денари кој во значителна мера ќе го олесни пристапот до градската болница за сите граѓани од Велес и регионот.

Се изврши поплочување на на детски забавен парк за деца со ограничена мобилност во населбата „Тунел“. Општина Велес обезбеди 200.000 денари за градежните работи. Реквизитите во вредност од 670.000 денари ги обезбеди Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ –Велес од Министерството за труд и социјална политика.

Забавниот парк ќе биде отворен денеска, во 12 часот. Завршија работите за замена на кровниот покривач на машинската работолница во средното стручно училиште „Коле Неделковски“ и во моментов се врши симнување на оштетените површини и малтарење.

Се работи на тампонирање на улицата „Трајко Митев“, рече Коцевски. Тој информираше дека во локалната библиотека „Гоце Делчев“ денеска градежното претпријатие „Изгрев“ ќе започне со изградба на преграден ѕид во рамките на активностите за отворање на Младински креативен центар.

„Со овој зафат салата „Бели мугри“ физички ќе ја одделиме од сегашната библиотека. Салата ќе можат за свои потреби да ја користат сите здруженија на граѓани од областа на културата, културно –уметнички друштва, драмски секции, оркестри, балетски групи, пред се мислам на „Црни мачиња“, „Анабела“ културно уметничките друштва, двата градски хорови чалгискиот оркестар и сите останати поп рок бендови, како и сите здруженија што сакаат да го користат овој простор за свои намени.

Мислам дека со ова ќе направиме огромен чекор напред во споредба со претходниот период“, рече Коцевски. Тој информираше и дека во основното училиште „Васил Главинов“ се работи на изведба на санитарии за деца со посебни потреби, дека се завршени проектите за бетонирање на улици во селата Клуковец, Иванковци и Црквино, а деновиве ќе се стартува со работа на кровниот покривач во ООУ „Св. Кирил и Методиј“.