Заврши есенското чистење на диви депонии во општината
Програмата за управување со отпад за 2018 година во делот за чистење на диви депонии се заокружи со активностите на чистење на депонијата од градежен шут во близина на ОХОХО.
Бидејќи општината планира во 2019 година да го уреди долното течение на река Тополка, овие подготвителни активности беа неопходни, за да се спроведат градежни активности за уредување на просторот каде што граѓаните ќе можат да ги остават своите возила и да пешачат по недопрената приода на течението на Тополка.
Во активностите за чистење на диви депонии во есенскиот период се собрани и транспортирани 1980м3 отпад.
Средствата за чистење на депониите се обезбедени од буџетот на Општина Велес во износ од 750.000, 00 ден.
За жал, наместо овие средства да се искористат за изградба на инфраструктура во општината, тие се вложуваат да се санираат последиците од несовесното депонирање на отпад и создавањето на диви депонии од страна на поединци.
Активностите ќе продолжат и во 2019 година затоа што во општината сеуште постојат диви депонии кои го нагрдуваат просторот во урбаната средина.
Општина Велес апелира до граѓаните совесно да се однесуваат кон животната средина, да ги почитуваат законите и да не создаваат нови диви депонии со што ќе придонесат за почист и поубав Велес.