По 13 години-повторно опера во Велес

На 26 декември, среда, со почеток во 19:30 часот, во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ љубителите на класичната музика ќе имаат ретка можност да уживаат во Новогодишно-божиќниот гала-концерт на Македонската Опера и Балет.

Ова на прес конференцијата одржана на 21 декември годинава го соопшти градоначалникот Аце Коцевски.  На овој грандиозен музички настан што го организира Општина Велес со поддршка на Националната Установа Центар за култура Народен Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и „Ротари клуб“ –Велес  ќе учествуват 70 членови на Македонската Опера и Балет, од кои 53 членови на оркестарот и седуммина првенци на Македонската опера и балет.

Весна Гиновска Илкова, Славица Петровска Галиќ, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Ана Ројдева Талевска, Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски, за велешката публика самостојно и во дует ќе изведат арии од најпопуларните светски оперски дела меѓу кои: „Кармен“ од Жорж Бизе, „Риголето“ и „Травијата“ од Џузепе Верди, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно и „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах.

„Влезот за Гала концертот е слободен и ги поканувам сите љубители на класичната музика да не ја пропуштаат можноста, овде во Велес да уживаат во уметноста на операта. Искрено верувам дека оваа празнична честитка на Општина Велес со вечер посветена на операта како светско културно наследство долго ќе остане во сеќавање на велешани и ќе не поттикне во интерес на граѓаните и во иднина да организираме атрактивни настани од областа на културата. Ако се има во предвид дека последен пат во живо велешани гледаа опера во веќе далечната 2005 година кога МОБ настапи со операта „Рита“, навистина станува збор за ретко музичко доживување во Велес“, рече Коцевски.

Градоначалникот најави  дека со генералниот директор на НУ МОБ Васе Ристов, уметничката раководителка на операта Бисера Чадловска и уметничката раководителка на балетот Олга Панго веќе договорил гостување на МОБ во Велес со култната балетската претстава „Либер Танго“ од Астор Пјацола кон средината на фебруари следната година.