Нови стратегии и стандарди за подобри услуги кон граѓаните

На прес конференцијата одржана на 21 декември годинава, градоначалникот Аце Коцевски информираше за изработката на нови стратегии и воведување на нови стандарди за подобри услуги кон граѓаните.

„Компанијата АПИА од Љубљана започна со работа за подготовка на Планот за одржлива урбана мобилност како еден од најамбициозните стратешки проекти на Општина Велес. Очекувам планот да ни овозможи решавање на низа горливи проблеми во областа на сообраќајот, урбанистичките решенија на јавните простори и заштитата на животната средина. Воедно во финална фаза сме на подготовката на стратегијата за СМАРТ или паметен град. Овие два документи ќе ни бидат патоказ за развојот на Велес во модерна општина со решенија за јавните услуги базирани на најсовремените сообраќајни, урбанистички и информатички методи за управување со градовите во Европа“, рече Коцевски.

Тој информираше дека денеска со финансиска поддршка на „Хабитат -Македонија“ стратува процес на ажурирање на Акциониот план за одржлива енергија кој ќе се усогласи со стандардите на Европската Комисија и ќе претставува основа за аплицирање во европските фондови во областа на енергетската ефикасност.

Воедно Коцевски информираше за успешната транзиција во новото издание на стандардот за управување со квалитет. „Минатата недела заврши проверката за новиот стандард ISO 9001:2015. Проверката што ја изврши акредитираната консултантска куќа „Интерцерт“ од Скопје помина успешно без утврдени неусогласености. Очекуваме во најкраток можен рок да го добиеме и сертификатот за управување со квалитет во областа на услугите во локалната самоуправа усогласени со  новото издание на стандардот“, рече градоначалникот.

Тој ја извести јавноста дека со поддршка на УНДП, деновиве во Општина Велес престојуваше Валентина Добрева, експерт за интегритет од Република Бугарија со која општината работеше на надоградба на електронскиот систем со мерки за антикорупција и интегритет, а со цел граѓаните на Велес да добијат уште поквалитетни услуги со примена на највисоките етички стандарди во администрацијата. Во оваа насока е изработена и нова Стратегија за управување со ризици. „Веќе размислуваме за зајакнување на услугите со воведување на меѓународните стандарди за антикорупција, безбедност на информации и заштита на животната средина“, рече Коцевски.