Музиката за душа ги освои велешани – Новогодишно-божиќен гала концерт
Со громогласен аплауз и многу емоции велешката публика вечерва во преполната сала на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ ги награди уметниците на Македонската опера и балет.
На Новогодишно-божиќниот гала-концерт што го организираше Општина Велес со поддршка на Народниот театар „ЈХК-Џинот“ и Ротари клуб-Велес велешани уживаа во изведбата на ариите од најпознатите светски оперски класици: „Кармен“ од Жорж Бизе, „Риголето“ и „Травијата“ од Џузепе Верди, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно, „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах и други дела од светската оперска уметност.
Под диригентската палка на Иван Еминовиќ и музичката изведба на 53 членови на оркестарот, настапија седум првенци на Македонската опера и балет: Весна Гиновска Илкова, Славица Петровска Галиќ, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Ана Ројдева Талевска, Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски.
Македонските оперски првенци ја освоија публиката со емотивната и моќна изведба. Конечно по 13 години велешани уживаа во операта. Според најавите на градоначалникот Аце Коцевски, културната понуда за велешани веќе во февруари 2019 година ќе се збогати со настапот на МОБ со балетот „Либер танго“.