Општина Велес сертифицирана за ISO 9001:2015

На 27 декември годинава, Општина Велес го доби сертификатот за воведен меѓународен  стандард за управување со квалитет ISO 9001:2015 во областа на услугите во локалната самоуправа.

Сертификатот го издаде сертификационото тело „Интерцерт“ од Скопје по спроведената проверка на примената на стандардот во Општина Велес. Информацијата ја соопшти градоначалникот Аце Коцевски на традиционалната новогодишна свеченост.

Сертификатот е потврда за успешната транзиција на општината од старата во новата верзија на стандардот за управување со квалитет и работа на администрацијата согласно сите барања на стандардот ISO 9001:2015. Сертификационото тело „Интерцерт“ е акредитирано од  Институтот за акредитација на Република Македонија.

Врз основа на овој меѓународен стандард, општината е обврзана секоја година да го подобрува административното работење и услугите кон граѓаните. Како што најави градоначалникот Коцевски на новогодишната свеченост, Општина Велес не застанува тука и ќе продолжи со воведувањето на меѓународни стандарди во областа на антикорупцијата, безбедноста на информациите и заштитата на животната средина.