Во 2018 собрани 4,35 тони електронски отпад

Во периодот од 1 ноември до 1 декември годинава, Општина Велес и ЈКП „Дервен“ ја спроведоа Годишната акција за собирање на електричен и електронски отпад.

Во акцијата се собрани 47 телевизори, 233 делови од компјутери, 157 телефони, 36 компјутери, 14 монитори, 3 фрижидери, 3 бојлери, 2 греалки, 108 полначи за телефон, 6 радио касетофони и голем број останати апарати и електрична опрема од домаќинствата. Во акцијата од институциите најголеми количини електронски отпад предаде ООУ „Блаже Конески“, а од правните лица компаниите „Жито“ и „Димко Митрев“ АД Велес.

Отпадот во количина од 2,86 тони е предаден на овластениот колективен постапувач „Нула отпад“ ДОО Скопје за понатамошно постапување.На општинската комунална депонија во адаптираниот простор за времено складирање на електронски и електричен отпад, од граѓаните и правните лица во текот на 2018 година  се собрани дополнителни 1,5 тони отпад. 

Општина Велес која 2018 година ја завршува со предадени 4,35 тони електронски и електричен отпад упатува јавна благодарност до сите поединци, организации и компании кои учествуваа во акцијата.