Новогодишна свеченост на Општина Велес –наградени најуспешните во 2018
На 27 декември годинава Општина Велес ја организираше традиционалната Новогодишна свеченост посветена на најуспешните поединци во 2018 година.
Во своето новогодишно обраќање градоначалникот Аце Коцевски ги даде своите оценки за оствареното во 2018 година. „Имавме успешна година. И покрај тоа враќавме долгови, издадовме 365 налози за градежни зафати во градот и населените места во вредност од речиси 100 милиони денари. Колку за споредба во 2017 биле издадени 183 налози во вредност од околу 67 милиони денари“, рече Коцевски.
Тој укажа дека во државата е потребно системско решение за талентираните деца и децата со здравствени проблеми, дека треба уште многу да се работи на децентрализацијата и рамномерниот регионален развој. Градоначалникот упати јавна благодарност до меѓународната заедница, бизнис секторот и сите организации и поединци кои помогнаа за развојот на Велес.
На свеченоста беа доделени награди за најдобра новогодишна илуминација. Наградата за нај убаво уреден осветлен излог им беше доделена на на Јован Нешов за бутикот “Зик зак” и Трајче Давчев за бутикот „Бронкс“. Наградата за најубаво уреден – осветлен објект-двор ја доби Владимир Николов за објект на улицата.„Горги Димитров“бр.7 . Наградата за најубаво уредена осветлена тераса им беше доделена на Јасмина Талевска и Љубомир Илиевски.
Непрофитното друштво „Нулта Отпад“ ги додели наградите за најдобар собирен центар за отпад во училиште и објект градинка. Првата награда му припадна на ООУ „Блаже Конески“, а втората награда на ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Пофалници добија ООУ „Рајко Жинзифов“ и ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“.
На свеченоста беа наградени најдобрите средношколци стипендисти : Љубица Филипова, Стојан Илиевски, Александар Манев,Анастасија Андовска, Симона Андовска и Христијан Киров.
Одлуките за стипендии им беа доделени и на најуспешните студенти: Надица Шкрекова, Сандра Ташковска, Изабела Апцева, Ирена Христова, Маја Костадиновска, Панче Петрески, Марија Мијакова и Тања Илиевска.
Од редовите на општинската администрација за најуспешни во 2018 година беа наградени Љупче Андреевски, Оливера Чанева и Пенчо Кимов. Градоначалникот Коцевски додели и јубилејни награди за вработените Марина Бојаџиева, Златко Димов, Милан Миов, Билјана Вељанова и Силфана Ончева. Награда за најдобар работник доби Коче Кочев од ЈКП „Дервен“.
Коцевски на малиот велешки генијалец Христијан Арсов му додели парична награда. Најградата за најхрабра велешанка и беше доделена на Татјана Пановска кој во август годинава храбро му се спротивстави на разбојник во продавницата во која работи. За хуманист на годината беше награден крводарителот Димче Арсов. Миле Маџаров, секретар на Општинската организација на Црвениот крст ја доби наградата за континуиран придонес во развојот на крводарителството и хуманоста во Велес и Република Македонија.
Во чест на наградените, настапија маестро Зоран Џорлев и дуо „Долче“.