Седниците на советот во живо

Со цел да се зајакне транспарентноста на општината, а граѓаните да можат директно да ја следат работата на Советот на општината, со 28-та седница на советот, на 31 јануари годинава започна примената на новиот систем за директен  пренос на седниците.

Тие се пренесуваат директно на официјалната веб страница и страницата на Општина Велес на социјалната мрежа Фејсбук каде има линк до Youtube каналот на Општина Велес. Опремата во вредност од 12.000 долари ја обезбеди  Програмата за развој на Обединетите нации- УНДП,  во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Целта на проектот е поддршка на системот на одговорна и транспарентна локална власт во која демократски избраните претставници ефективно работат заедно, за дефинирање на развојните приоритети во согласност со потребите на граѓаните.

Опремата опфаќа една роботизирана и една фиксна камера, 15 микрофони и дополнителна техничка опрема за пренос во живо. Системот уште повеќе ќе ја зајакне транспарентноста на Општина Велес која континуирано е на врвот на транспарентноста во Македонија во мерењата извршени од страна на домашни и меѓународни организации.