28 Седница на советот - решенија за градскиот базен и офицерскиот дом

На 28 седница, на 31 јануари годинава, Советот на Општина Велес донесе одлуки за изработка на физибилити студии за оправданоста на доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за градскиот базен и Офицерскиот дом.

„Објектите се руинирани и ние заеднички треба да одлучиме и да најдеме чаре за објектите кои се во сопственост на општината. Се надевам многу брзо на седница ќе доставиме документи и за објектот „Вила зора“ и зградата на синдикатот каде се наоѓа киното“, рече Градоначалникот Аце Коцевски. 

Во врска со базенот градоначалникот го извести советот дека Велес е еден од 14 градови во Македонија кој ќе добие затворен базен кој би бил изграден на локација, на влезот од постоечкиот базен. Базенот ќе биде со димензии од 30,4 х 20,45 метри.  Во однос на постоечкиот отворен базен градоначалникот напомена дека за претстојната пливачка сезона ќе се направи реконструкција  со средства од буџетот на општината. 

Со одлука на советот, физибилити студија ќе биде изработена и за Офицерскиот дом за да се утврди можноста објектот кој е во лоша состојба да се врати во употреба преку јавно-приватно партнерство, со концесија на 20 години. Градоначалникот Коцевски го извести советот дека за Офицерскиот дом има голем интерес од бизнис заедницата, а некои од заинтересираните стопанственици од Велес веќе имаат предложено проекти за ревитализација на објектот. „ Граѓаните на јавните расправи во огромно мнозинство побараа да се врати намената на Офицерскиот дом како култно место за забава и треба да ја почитуваме вољата на граѓаните“, рече градоначалникот.

На седницата беа донесоа одлуки и од областа на урбанизмот, администрацијата и финансиска помош за граѓанин чија работилница настрада во пожар. Членовите на советот имаа можност да постават советнички прашања.