Директорот на ЈПССО „Парк спорт“ разрешен од функцијата

Градоначалникот Аце Коцевски го разреши од функцијата Златко Гуцев, директор на ЈПССО „Парк спорт“. Одлуката Коцевски ја соопшти на прес конференција, на 1 февруари годинава. „Денес донесов одлука директорот на  ЈПССО „Парк спорт“да го разрешам од должноста директор на истото претпријатие, пред сé поради незадоволителните резултати кои беа постигнати во минатиот период и многу неповолните состојби кои ги констатираа ревизорите на Општина Велес при контролата на материјално-финансиското работење“, рече Коцевски.

Тој ги образложи причините за разрешувањето, меѓу кои недонесување на финансиски план, исплата на над 6,5 илјади евра на тројца адвокати за услуги што можеле да бидат завршени од страна на стручната служба на јавното претпријатие. Како што рече градоначалникот, ревизорите утврдиле дека претпријатието  кое има 6  редовно вработени лица заедно со директорот, во текот на 2018 година  незаконски ангажирало 8 лица со договори за привремени вработувања.

Вработените на определено работно време Гуцев ги задржал  многу подолго отколку што дозволува законот. Наместо 30 дена,  4-ца незаконски работат веќе една година, а останатите неколку месеци. Исплатата на плати се вршела и се врши без донесен внатрешен правилник за пресметка и исплата на плати и без утврдена вредност на бод што треба да ја одобри и Советот на Општина Велес. Директорот ги оштетил граѓаните на Велес и Општината бидејќи на нетранспарентен начин, кршејќи го Законот за јавни набавки, набавил огревно дрво,  користел и  плаќал услуги за физичко обезбедување кое не е присутно во објектот.

Набавките се направени со недозволено надминување на вредноста утврдена со законот за јавни набавки- 500 евра без ДДВ. Јавното претпријатие ја оштетило општината и со тоа што во подолг период заклучно со 2018 година не наплатило закупнина, трошоци за електрична енергија и комуналии од закупецот гостилница „Серенада“  во висина од околу 875 илјади денари или околу 14.000 евра. Градоначалникот ја извести јавноста дека согласно Законот за јавни претпријатија одлучил да го разреши Гуцев од функцијата и дека во рок од 5 дена ќе именува вршител на должност директор. Тој ги повика директорите на сите институции и установи кои работат во надлежност на општината да ја имаат во предвид личната одговорност во заштитата на правото и имотот на граѓаните и да работат совесно и согласно законите.