Велешани ќе добијат нов затворен базен
Велешани ќе добијат затворен базен, а постоечкиот отворен ќе се реконструира. Како што соопшти градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција затворениот базен ќе биде лоциран во непосредна близина на постоечкиот градски базен,на самиот влез од северната страна каде во моментов се поставени реквизити за деца. „Објектот е со димензии 20,4 х 30,4 метри, со висина од 5, 6 метри. Самата водена површина која ќе биде изведена со 4 ленти, е 25 х 9 метри. Базенот ќе биде со длабочина од минимум 80 сантиметри до 1,2 метри.
На овој начин велешани ќе добијат пливачки комплекс во кој и младите и постарите генерации ќе можат да спортуваат и да се рекреираат во текот на целата година“, рече Коцевски. Како што нагласи градоначалникот, реконструкцијата на градскиот базен за претстојната сезона што според првичните пресметки ќе чини 50.000 евра ќе биде реализирана со буџетски средства доколку не се изнајде друго решение.
Тој ја информираше јавноста дека општината работи на решенија за сите објекти кои ги има во сопственост како Офицерскиот дом, „Вила зора“, зградата на синдикатот. „За големи инфраструктурни зафати покрај финансиските средства, потребно е да се изнајдат и соодветни решенија од кои придобивки ќе имат сите граѓани на Општина Општина Велес. Се надевам дека ќе успееме да ја оствариме вољата и желбата на велешани да добијат нови објекти и содржини во согласност со нивните барања од јавните расправи“, рече Коцевски.