Заменик министерот Бајрактар во посета на Велес
На 1 февруари годинава, градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со Ѓонул Бајрактар, Заменик-министер за труд и социјална политика. Во присуство на претставници на турската заедница во Велес и претставници на министерството, Коцевски изрази благодарност за придонесот на турската заедница во развојот на Велес, негувањето на соработката и соживотот.
Соработката со збратимените градови во Република Турција, културната размена и можностите за продлабочување на соработката во областа на економијата и одржливиот развој беа само дел од прашањата за кои се разменија мислења на средбата. Како што рече заменик-министерот Бајрактар, Велес претставува пример на соживот, активно учество и придонес на граѓаните од турската заедница. Градоначалникот Коцевски нагласи дека Општина Велес која негува одлична соработка со Република Турција ќе продолжи да ги поддржува активностите на турската заедница, особено во областа на културата и презентирањето на традициите на турскиот народ.